Дојде моментот кога СДСМ ќе покаже дали зголемувањето на минималната плата е со искрена намера која ќе важи за сите или пак тоа е само нова и селективна популистичка мерка, рече на денешната прес-конференција во Собранието, патеничката Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Денес на дневен ред на Комисијата за труд и социјална политика е предлог законот за минимална плата. За таа цел, како што најавивме претходно, како пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе интервенираме амандмански со што ќе бараме да не се дозволи урамниловка, односно изедначување на платите и демотивација кај вработените кои имаат поголеми работни обврски и сложеност на работните места“, кажа претставничката од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа објасни дека со амандманот се бара износот на коефициентите и вредноста на бодовите на Колективните договори на сите нивоа и во сите области во јавниот сектор да биде усогласен со порастот на минималната плата односно нивно скалесто зголемување во однос на минималната плата.
„Апелираме до владејачкото мнозинство да излезат во пресрет на барањата на сите вработени и засегнати со зголемувањето на минималната плата и конечно да покажат дека нивната искрена цел е подобар стандард и живот за граѓаните, а не популистички краткотрајни мерки кои ќе купат неколку месечен мир во власта“, рече Пешевска.