Почина Марјан Додовски, првиот министер за животна средина и просторно планирање од 1998 до 2002 година. Неговата поранешна сопруга, Иванка Василевска, соопшти дека тој починал во болница. Додовски беше и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието од 2006 до 2008 година, а потоа и член на Советот на Град Скопје. Како што соопшти Василевска, тој починал ноќеска.
„Во длабока жал ве известуваме дека ноќеска, на државната клиника, прерано не напушти Марјан Додовски. Марјан беше голем и посветен борец за Македонија, прв министер за животна средина и просторно планирање на ВМРО-ДПМНЕ, во својата плодна кариера извршуваше бројни партиски и државни функции но, пред се и најважно од се тој беше татко на мојата, на нашата Марија Додовска. Не остави во голема жалост, а Македонија изгуби голем човек. Марјан почивај во мир!“, напиша Василевска, поранешан сопруга на Додовски.
Неофицијално, Додовски се лекувал на една од државните клиники од коронавирус, каде починал поради компликации од вирусот.
Инаку, Додовски извршуваше и повеќе партиски функции во ВМРО-ДПМНЕ, каде е член од 1990 година. Тој беше член на Извршниот комитет, претседател на Комисијата за животна средина, координатор на изборни единици. Исто така, Додовски извршуваше функции и во ВМРО Народна партија, каде беше и претседател.