Во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, 2021 година е посветена на великанот на македонската култура, со што нашата земја и официјално се приклучува кон одлуката на Генералното собрание на Обединетите нации оваа година да биде Година на мирот и довербата, велат од Минситерството за култура.
Од таму додаваат дека тие во соработка со Министерството за образование се носители на програмата за реализација на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, која ќе се одвива под покровителство на претседателот на државата, Стево Пендаровски.
„Програмата ќе се реализира во текот на целата година, со активности на повеќе институции, министерства, органи на државната управа, здруженија во земјава и во странство, а средствата се обезбедени од Министерството за култура, од Министерството за образование и од Агенцијата за спорт и млади“, се нагласува во соопштението од ресорното министерство.
Во него се додава дека покрај многубројните културно-образовни содржини, во рамките на јубилејот е предвидено Народната банка да издаде златна кована монета со ликот на Блаже Конески, а Поштата ќе издаде поштенска марка со ликот на великанот на македонската култура.
Настаните ќе се реализираат под унифициран плакат и лого на манифестацијата.