Претседателот Стево Пендаровски упати писмо до претседателот на Украина, Владимир Зеленски во кое изразува поддршка за украинскиот народ и упатува честитки до претседателот Зеленски за поднесената кандидатура за членство во Европската Унија.
var ai_block_div = document.getElementsByClassName (‘ai-viewports’); ai_insert_code (ai_block_div [ai_block_div.length – 1]);
„Изминатите три месеци граѓаните на Украина херојски ја бранат својата земја, а со тоа и целиот европски континент и универзалните вредности на демократијата во кои веруваат мирољубивите држави и народи на кои припаѓаме.
Во оваа смисла, Украинците со конкретни дела докажаа дека припаѓаат на европското семејство и се подготвени да ги направат првите чекори во насока на започнување на процесот на интеграција во Европската Унија. Јас како долгогодишен поддржувач на идејата за Обединета Европа, цврсто сум убеден дека денес, кога војната повторно се врати на европско тло, Унијата треба да донесе важни политички одлуки, со што процесот на проширувањето нема да запре на Западниот Балкан, туку ќе продолжи со сите мирољубиви европски држави кои ги споделуваат вредностите на демократијата“, се вели во писмото од претседателот Пендаровски до украинскиот претседател Зеленски.
Во продолжение е интегралниот текст на писмото:
Ваша Екселенцијо,
Срдечно поздравувајќи Ве, дозволете ми да Ви упатам изрази на особена почит кон Вашата држава и кон Вас лично, како и да Ви изразам сестрана поддршка во трагичната ситуација во која се наоѓа Украина и украинскиот народ по руската воена агресија.
Изминатите три месеци граѓаните на Украина херојски ја бранат својата земја, а со тоа и целиот европски континент и универзалните вредности на демократијата во кои веруваат мирољубивите држави и народи на кои припаѓаме.
Во оваа смисла, Украинците со конкретни дела докажаа дека припаѓаат на европското семејство и се подготвени да ги направат првите чекори во насока на започнување на процесот на интеграција во Европската Унија. Јас како долгогодишен поддржувач на идејата за Обединета Европа, цврсто сум убеден дека денес, кога војната повторно се врати на европско тло, Унијата треба да донесе важни политички одлуки, со што процесот на проширувањето нема да запре на Западниот Балкан, туку ќе продолжи со сите мирољубиви европски држави кои ги споделуваат вредностите на демократијата.
Драг Владимир,
Поаѓајќи од оваа моја констатација, би сакал да Ви упатам честитки за успешно пополнетиот прашалник за членство во Европската Унија и да подвлечам дека Република Северна Македонија како земја-кандидат го поддржува европскиот пат на пријателска Украина и добивањето кандидатски статус за време на Советот на Европската Унија во јуни оваа година.
Верувам дека таквиот исход ќе биде праведен и логичен, и ќе претставува поддршка на напорите на Украина на евроинтегративниот пат, како и дополнителен стимул за спроведување на натамошни суштински внатрешни реформи за ваше практично приближување кон Унијата.
Впрочем, европските аспирации нам не ни се потребни како политички трофеј, туку, како инструмент и процес за време на кој ќе се менуваме и реформираме за да ги достигнеме неопходните стандарди по кои се препознаваат европските демократии. Во овој контекст очекуваме потврда дека и нашите европски пријатели тоа го препознаваат и вреднуваат.
Господине Претседател, во надеж за скоро целосно ослободување на вашата земја од окупаторот, дозволете ми, уште еднаш да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување и да Ви посакам добро здравје и успех во извршувањето на Вашата одговорна функција во овие тешки времиња, напиша Претседателот Пендаровски.