Стихозбирката „Куфер“ од Ерол Туфан содржи триесетина песни, а збогатена е и со илустрации од Владимир Мартиновски. Во книгата се објавени и два пригодни поговора од проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска и од Силвана Димитриевска.
„Една од најважните карактеристики на творечкиот метод на Туфан во книгата ’Куфер‘ е способноста да го совлада поетскиот простор. Познато е дека, според мистичните својства на јазикот, секоја песна што сè уште не е напишана веќе има одредено поетско време… Гласот на силна чувствителност се провлекува низ целата книга; таа е исполнета со силни и впечатливи слики, кои вешто се прелеваат во смирена лирска рефлексивност настаната во највисокиот стадиум на уметничката зрелост на Ерол Туфан…“
„Целиот арсенал од значења ’спакувани‘ во книгата-куфер на Ерол промовираат една поетика на талкањето, во симбиоза со копнежот по слобода како врвен човеков и уметнички идеал. Книгата е збогатена со мошне инвентивни и оригинални илустрации на поетот и есеист Владимир Мартиновски.“
„КУФЕР на Ерол Туфан е едно заокружено поетско патување во кое се испреплетуваат слики од минатото, размисли, идеи за светот во и околу нас, за нашата не/припадност во тој свет и нашата подготвеност да отпатуваме во исто време и таму некаде далеку и најблиску до себе. Во поетиката, дословниот куфер е метафора за постојаното патување, трагање по новото и непознатото, непомирување со секоја вкоренетост, закотвеност во едно место, но во една подлабока, филозофска смисла, куферот е нашето најдлабоко Јас, нашето себство…“