Светскиот ден на детето е и потсетник дека треба да работиме заедно за да создадеме свет во кој сите деца ќе имаат еднакви можности и ќе растат во средина која го поттикнува нивниот развој и благосостојба, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, кој денес со УНИЦЕФ одржа состанок на кој се дискутираше за положбата и правата на децата.
„Денес сме тука за да ја потврдиме нашата заедничка обврска, секое дете има право на грижа, образование, здравствена заштита и заштита од секоја форма на насилство и злоупотреба. Но, зборовите на хартија не се доволни. Потребни се дела. Нашата мисија е да ги претвориме овие предизвици во можности за промени: Инвестиции во образованието; Пристап до здравствена заштита; Заштита од злоупотреба и насилство“, рече Мицкоски.
Додаде дека ова е ден кога не смее само да се зборува, туку треба да се делува, па во таа насока рече дека целта е создавање на образовни програми што ќе ги инспирираат нашите деца да бидат лидери на утрешнината; поддршка на политики што гарантираат социјална заштита за сите деца, особено за најранливите и да ги слушаме децата, да ги охрабруваме да го кажат своето мислење и да ги вклучиме во процесите на донесување одлуки.
„Нека овој ден не биде само потсетник, туку и пресвртна точка“, порача Мицкоски.
На овој датум во 1959 година, Обединетите Нации ја усвоија Декларацијата за правата на детето, а во 1989 година беше усвоена Конвенцијата за правата на детето – најшироко ратификуван договор за човекови права во историјата.
Текстот Светскиот ден на детето е ден кога не смее само да се зборува, туку треба да се дејствува, порача Мицкоски е превземен од МАКФАКС.