СДСМ: Податоците од пописот се важни за развојот на државата

пред 4 години

Пописот е врвен патриотски чин, податоците од него се важни за развојот на државата, посочуваат од СДСМ.

Според партијата на власт, пописот како најобемна и најсложена статистичка операција е многу значаен за планирање на соодветен развој на државата.

„Преку пописот, конечно, по речиси две децении, ќе добиеме точни информации и податоци каде и како правилно да се насочат финансиите и потребните ресурси. Врз основа на овие податоци ќе се креираат идните мерки за одржлив развој на здравството, образованието, социјалната заштита, животната средина, бизнис секторот, спортот, но и во секој друг сегмент. Со пописот добиваме точни информации, каде се потребни нови градинки и училишта, каде е потребен стручен кадар за помош за лица со попреченост, каде се потребни нови болници“, потсетуваат од СДСМ.

Од таму додаваат дека се подготвени сите здравствени протоколи и преземени се сите мерки за заштита на здравјето на граѓаните што ќе се попишуваат, како и на попишувачите.

„Граѓаните немаат причина за вознемиреност, процесот на попишување ќе биде целосно безбеден од здравствен аспект“, информираат од СДСМ.

Share
Scroll to Top