Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска во Берлин, во рамки на Конгресот на германската Социјалдемократска партија (СПД), се сретна со поранешниот германски канцелар Олаф Шолц.
Партијата извести дека во името на СДСМ и на сите граѓани, Филипче изразил искрена благодарност за силната и принципиелна поддршка која Германија, под водство на Шолц, ѝ ја даваше на Македонија во процесот на европска интеграција, но и за континуираната поддршка од Владата и од СПД – сестринската партија на СДСМ за заштита на македонскиот идентитет.
„Благодарни сме за поддршката, особено за резолуцијата на германскиот Бундестаг во 2023 година, со која испративте силна порака и поддршка за македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Тоа беше резултат на државничката политика на СДСМ и соработката со германските социјалдемократи. Погрешните политики на актуелната власт во изминатата година ги загрозија сите овие успеси“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ рече дека е уверен дека поддршка од германската СПД ќе продолжи и понатаму, а од Берлин упати и јасна порака дека СДСМ ќе остане да ги брани државните и националните интереси.
„Не смее да се дозволи било какви додавки за македонскиот јазик во Извештајот на Европскиот парламент. Јазикот и и идентитетот не биле и не смеат да бидат предмет на додавки. Во сите документи на Европската унија македонскиот јазик е јасно потврден„ рече Филипче.
СДСМ останува цврсто посветен на европската иднина на државата и на стратешките партнерства што ја зајакнуваат македонската позиција на меѓународната сцена.
Текстот Филипче во Берлин му се заблагодари на Шолц за поддршката за македонскиот јазик е превземен од МАКФАКС.