Голем шумски пожар денеска избувна во селото Бигла, меѓу Македонска Каменица и Делчево. Според градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, огнот неколкупати бил ставен под контрола, но високите температури и силниот ветер повторно го разгорувале и го ширеле пожарот.
Гоцевски, во изјава заедно со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, информираше дека на терен биле ангажирани околу 300 луѓе, меѓу кои пожарникари, припадници на институциите, волонтери и други служби.
Во гаснењето биле ангажирани територијалните противпожарни единици од Штип, Гевгелија, Берово, Пехчево, Македонска Каменица, Кочани и Виница. На терен се и полицијата, Црвениот крст, здравствени служби и јавни претпријатија.

Во текот на денот во гаснењето биле вклучени и „ер-трактори“, кои интервенирале од воздух. Ангелов ја пофали организацијата на терен, нагласувајќи дека голем број луѓе биле мобилизирани за да се спречи огнот да се прошири низ густата борова шума.

Целта е пожарот до крајот на денот да биде ставен под контрола, а потоа на терен да останат дежурни екипи кои ќе ја следат состојбата и ќе интервенираат доколку повторно се појават жаришта.

Претходно, директорот на ДЗС, Ангелов рече дека пожарот избувнал денеска околу 10 часот, откако лице палело гуми во својот дом во Бигла, но изгубило контрола врз огнот, па пламените јазици се прошириле кон блиската борова шума.
Текстот (Фото+видео) 300 луѓе на терен го гаснат големиот пожар кај Бигла е превземен од МАКФАКС.





