Француска вечер на „Охридско лето“ со звуците на харфа

пред 3 години

Фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе ја организира традиционалната Француска вечер на која ќе настапи француската харфистка Елоиз Карлеан-Џонс. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Високо оценета од музичката критика за „јасноста и умешноста на звукот“, Елоиз Карлеан-Џонс е млада француска харфистка која настапува како солист, камерен и оркестарски музичар.

Карлеан-Џонс се закитува со златен медал на четвртиот Менхетен натпревар за харфисти во 2019 година и настапува ширум светот од Карнеги Хол до салата на Виенскиот „Концертхаус“. Како камерен музичар настапува на фестивалите во Аспен и Тангелвуд, а како член на оркестар свири со Бостонскиот симфониски оркестар и со оркестарот во Филаделфија. Во 2020 година е примена да биде харфистка на Оркестарот на гардата во Париз.

Нејзиниот репертоар се протега преку неколку музички епохи, и таа покрај музиката на барокните мајстори често изведува и дела од современи композитори. Нејзините внимателно одбрани програми ја привлекуваат публиката, а таа настојува да ја ангажира преку вешто направени аранжмани на популарна или фолк музика со што директно го проширува репертоарот за овој инструмент.

Елоиз е магистрант на Музичката академија на универзитетот „Јеил“ , а дипломира на „Кертис“ институтот за музика здобивајќи се со диплома за музичка изведба и диплома за историски практики на интерпретација.

Француската вечер на „Охридско лето“ се организира во соработка со Амбасадата на Република Франција и Францускиот институт во Скопје.

Share
Scroll to Top