Царовска: Дури 85 % од компаниите се подготвени да примаат ученици на практична настава

пред 4 години

Со директорите на средните стручни училишта и претставниците на реалниот сектор и на општините Кочани и Виница разговаравме за тоа кои образовни профили треба да се отворат во учебната 2021/2022 година, рече министерката за образование и наука Мила Царовска во Кочани, каде се одржа уште една сесија консултации, кои под мотото “Учи паметно, работи стручно” се реализираат низ целата држава.

„ Со јакнење на соработката и довербата помеѓу стручните училишта и реалниот сектор можеме заеднички да создадеме квалитетно средно стручно образование. Во светот овој модел на дуално средно стручно образование дава добри ефекти. И нашите компании треба похрабро да влезат во обуките за потребни вештини на учениците. Дебатите се одвиваат успешно, во голем број општини е договорено отворање на 2-3 дуални паралелки. Модуларното средно стручно дава можност за комбинирање во една паралелка на неколку профили”, нагласи Царовска.

Политиката на стипендирање ќе ја следи уписната политика, ќе се објават огласи за стипендии паралелно со огласите за уписи, со што ќе бидат мотивирани повеќе ученици да се запишат на бараните профили.

Министерството за образование и наука веќе спроведе анализа во која учествуваа 450 компании од цела држава, од кои дури 85 % искажаа подготвеност да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава. Стекнувањето на употребливо знаење кај младите е многу значајно и од аспект на зголемување на економскиот потенцијал, и затоа локалните самоуправи се посебно заинтересирани за прераснување на средните стручни училишта во силни генератори на потребни профили на кадри.

Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев посочи дека без квалитетна работна сила компаниите тешко можат да се борат со пребирливиот европски пазар.

„ Доцниме со унапредувањето на средното стручно, и затоа треба сите да соработуваме за да час поскоро добиеме образование што е потребно, не само на Кочани туку и на цела држава”, рече Илијев.

И градочалникот на Виница Ивица Димитров, поздравувајќи ја идејата за поблиска соработка на стручните училишта со бизнис секторот, рече дека очекува и во Виница да има интерес за нови дуални паралелки.

Share
Scroll to Top