Младите сакаат предизвици. Сакаат да стекнуваат знаења, особено од областа на претприемништвото и потоа истите да ги искористат паметно за создавање на креативни бизнис идеи и идеи за иновации. Остварувањето пак на тие идеи, всушност значи исполнување на големи детски соништа и создавање на идни креатори и двигатели на процесите и позитивните промени во општеството. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на денешниот завршен настан во рамки на Националниот натпревар на ученички компании што веќе неколку години го организира Џуниор Ачивмент, на кој беа прогласени победниците за учебната 2020/2021 година.
Царовска изрази задоволство што втор пат има можност да учествува на прогласување на победници на натпреварот и додаде дека ваквите натпревари го развиваат индивидуалниот и колективниот натпреварувачки дух, истрајноста, личната свест и одговорност, како и способноста за тимска работа, што, како што посочи, се особено важни вредности кои треба да се втемелат при изградбата на секој карактер, бидејќи се основа за поставување и остварување на цели и добри резултати на приватен и професионален план.
„Ова е еден од моментите низ кои се гледа дека Северна Македонија има голем кадровски потенцијал. Во државата има млади кои се гарант за нејзина добра иднина и тие треба да бидат поддржани, нивниот труд и желба за развој да бидат стимулирани. А како институции на системот во соработка со граѓанскиот сектор, но и нашите меѓународни партнери кои работат на остварување на глобалните цели за одржлив развој, токму тоа и го правиме“, рече Царовска, додавајќи дека е убедена дека младите ги препознаваат сите нови можности кои државата ги креира за нив особено во последните 3-4 години.
Министерката ги поздрави сите учесници на натпреварот, а им честиташе на успехот на оние кои стигнаа до финалето.
„Верувам дека секој очекува да го слушне своето име меѓу победниците. Но, запомнете – сите сте вие победници и гордост со која можеме да се пофалиме на светот. Продолжете да се натпреварувате и во иднина, во границите на сопствената земја, но и
на надвор од неа покажете дека нашата татковина го има највредното – паметна и перспективна младина“, потенцираше Царовска.
На Националниот натпревар на ученички компании годинава учествуваа 23 ученички компании од 14 средни училишта од земјава. Првото место го освои ученичката компанија „LifePal“ од гимназијата „Никола Карев“ од Скопје, која нуди интересно и практично решение за непредвидливи ситуации од секојдневниот живот на училиште, работа или при рекреација. Неопходните сетови, претставуваат мали пакетчиња составени од неколку производи, кои ќе бидат лесно достапни преку поставени вендинг машини. Второто место го освои ученичката компанија „TechBook“од гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Скопје, која понуди смарт тетратка и веб страна, додека третото место го освои ученичката компанија „Grow Green“ од СУГС Кочо Рацин од Скопје, која разви идеја за еко кафетерија, чии производи се биоразградливи и еколошки.
Победничката компанија ќе има можност да се претстави на Европскиот натпревар на ученички компании, кој го организираат Џуниор Ачивмент Европа и Џуниор Ачивмент Литванија.
Организаторот на натпреварот оваа година додели и награда за најдобра презентација на производот или услугата преку социјалните мрежи, на ученичката компанија „Health Activity Providers“ од ССОУ „Димитрија Чуповски“ од Велес. За посветеноста во работењето во програмата беа доделени и наградите за најдобар наставник на Снежана Бошковска од гимназијата „Никола Карев“ од Скопје и најпретприемничко училиште – СОЕПТУ „Кузман Јосифовски – Питу“ од Прилеп. За прв пат, Џуниор Ачивмент Македонија додели и награда за најдобар есеј за етичка дилема во бизнис на ученикот Давид Арсовски од СЕПУГС „Васил Антевски Дрен“.