Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, денеска го претстави еден од најзначајните проекти за зачувување на културното наследство и за развој на Чаир како современ културен и урбан центар.
Тој соопшти дека „Шенѓул амам“, еден од највредните споменици на османлиската архитектура во Скопје, ќе биде реставриран и ќе добие нов изглед преку детален проект кој веќе е подготвен.
„Нашата цел е да го вратиме овој историски бисер во функција на граѓаните и на културата. По реставрацијата, „Шенѓул амам“ ќе се претвори во современ културен центар каде ќе се одржуваат активности од областа на сликарството, музиката, литературата и уметничкото творештво“, изјави
Меџити.
Додаде дека објектот ќе биде наменет за здружението “Јени Јол“, кое повеќе од 70 години е чувар на турската култура, јазик и литература во Северна Македонија, како и за здружението “Лиљан“, кое повеќе од една деценија достојно ја претставува бошњачката култура.
„Со овој проект не само што го чуваме и негуваме нашето наследство, туку создаваме и услови за новите генерации да имаат свој простор за изразување и креација. Ова ќе биде место каде ќе се среќаваат генерации, култури и идеи, симбол на Чаир како општина која отсекогаш знаела само
да обединува“, истакна Меџити.
Тој нагласи дека инвестициите во културата ќе бидат една од клучните столбови на неговата визија за Чаир.
„Како иден градоначалник на Општина Чаир, мојата визија е јасна – да инвестираме во културата, да ја оживееме Чаршијата и да ја направиме нашата општина вистински модерен, урбан и културен центар. „Шенѓул амам“ ќе биде симбол на таа визија, мост меѓу минатото и иднината, место кое
ќе нѐ инспирира“, појасни Меџити.
Текстот „Шенѓул амам“ ќе биде реставриран, инвестициите во културата ќе бидат една од клучните столбови, најави Меџити е превземен од МАКФАКС.