Претседателот на Собранието, Талат Џафери и делегацијата го посетија Павилјонот на Македонија на Експо 2020 Дубаи, најголем меѓународен настан на кој учествуваат над 190 земји, а се очекуваат над 25 милиони посетители.
Во периодот од 1 октомври 2021 година до 31 март 2022 година, земјата е претставена на ЕКСПО 2020 во Дубаи, со слоганот „Дом на секој чекор”, а под мотото “Нови можности”.
![]()
![]()
Како што истакна Бекри Ајдини, Генерален комесар за Република Северна Македонија на Дубаи Експо 2020, земјата со сопствен павилјон се презентира како успешна приказна, земја со богато историско и културно наследство, каде во хармонија живеат различни етнички заедници. Претставена е како атрактивна туристичка дестинација во сите четири сезони, што нуди можности за авантуристички спортови и највкусна храна. Посебен акцент е ставен на презентирањето на земјата како дестинација на можности за странски инвестиции, бизнис поволности и економска и трговска соработка. Со дополнителни панели се претставени и слободните економски зони, можностите за соработка во земјоделството, енергетиката и сл.
Во текот на презентацијата, Ајдини подвлече дека интересот на компаниите од Република Северна Македонија за учество на ЕКСПО 2020 Дубаи е на задоволително ниво, а нивното преставување генерално се одвива преку нашите стопански комори. Предвидено е учество на компании од земјава од сродни сектори во согласност со програмата и неделите на ЕКСПО 2020 Дубаи. Ќе биде максимално искористена и иницијативата „Отворен Балкан“ за блиска соработка помеѓу павилјоните на Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија, во рамките на ЕКСПО 2020 Дубаи.
![]()
Република Северна Македонија ќе биде во центарот на светската јавност на 22 февруари 2022 година, кога во рамки на ЕКСПО 2020 Дубаи ќе се одржи централна културна манифестација и бизнис форум за промоција на инвестициските можности.
Како гест на срдечно гостопримство, од страна на домаќините беше организирана и посета на Павилјонот на ОАЕ и на Павилјонот на Саудиска Арабија.




