Алкалоид со убедлива победа стартуваше на Европскиот шаховски клупски куп

Алкалоид со убедлива победа стартуваше на Европскиот шаховски клупски куп

пред 8 часа

ШК Алкалоид успешно стартуваше на Европскиот шаховски клупски куп, кој се игра во Врњачка Бања, Србија, од 20 до 26 Октомври, совладувајќи ја екипата „Vasa SK“ од Шведска со 5,5:0,5 поени.

Велемајсторот Еригаиси Ајрун, кој со 2797 рејтинг поени во моментов е трет играч на светската листа, на првата табла за екипата на Алклалоид, со црни фигури го победи велемајсторот Том Ведберг.

Веднаш по него, повеќекратниот шампион на Македонија, Филип Панчевски, на шестата табла, со сигурна игра уште во рана фаза на партијата го „отвори противничкиот крал“ и по само 21 потег при големи материјални загуби противникот ја предаде партијата. Следеа сигурни, рутински победи и на Веи Ји и Нарануан С.Л. на втората, односно четвртата табла.

Со победата на Ју Јангји, кинескиот велемајстор кој веќе петти пат ги брани боите на Алкалоид на Европските купови, во топовска завршница на тртетата табла, фармацевтите поведоа со 5:0. Последен својата партија ја заврши српскиот Велемајстор Велимир Ивиќ кој ремизираше со својот противник.

На овогодинешното издание на најсилното клупско натпреварување учествуваат рекорди 84 екипи во машка конкуренција, а ШК Алкалоид на стартната листа, според просечен рејтинг на играчите 2730, е второрангирана екипа.

Следен противник на шахистите на Алкалоид е екипата од Словачка „ŠK K Cero Invest Nitra“, која според рејтингот се наоѓа на 23. место.

Истовремено се игра и Европски клупски куп во женска конкуренција, на кој играат 18 екипи.

Share
Scroll to Top