Виктор Вембањама направи голем чекор кон наградата за дебитант на годината, во директна битка со единствениот конкурент, Чет Холмгрен. Тој не само што го надигра својот ривал, туку и ги предводеше Сан Антонио Спарс до изненадувачка победа од 132:118 над Оклахома Сити Тандер.
Вембањама постигна 28 поени, од кои пет тројки од седум обиди, собра 13 скока, додаде седум асистенции, имаше пет блокади и две украдени топки, со две загубени топки. Така стана првиот играч во историјата на НБА со најмалку 25 поени, 10 скока и по пет асистенции, блокади и тројки на еден натпревар.
Тој ги спои двата најважни моменти на две минути пред крајот кога постигна тројка за плус девет, а потоа го блокираше Холмгрен, кој се обиде да возврати.
И Холмгрен одигра одличен натпревар со 23 поени (8/12 шут), седум скока, пет асистенции и една блокада, но немаше вистински одговор за разиграниот Вемби.
Најдобриот играч на Тандер Шеј Гилџис-Александер постигна 28 поени, два повеќе од Џејлен Вилијамс. Кај Спарс покрај Вембањама се истакна Давин Васел кој исто така постигна 28 поени.
Сан Антонио ја забележаа 12 победа оваа сезона, а во февруари имаат скор од две победи и 10 порази.
Тие се уште се убедливо последни на Западот, со три победи помалку од Портланд. Тандер ја прекинаа серијата од шест победи и со скор 41-18 се втори на табелата во својата конференција.