Трикратниот НБА шампион, Двејн Вејд купил акции од Јута Џез, придружувајќи му се на главниот акционер Рајан Смит со планови да има активна улога во клубот и во регионот на Солт Лејк Сити.
Вејд, кој поголемиот дел од кариерата го помина во Мајами хит е последен од низата на поранешни НБА ѕвезди кои купија дел од НБА тимови, вклучувајќи ги Грент Хил (Атланта хокс), Шекил О’нил (Сакраменто кингс) и секако, Мајкл Џордан, кој е главен акционер во Шарлот хорнетс. Меџик Џонсон претходно имаше 4 отсто од Лос Анџелес лејкерс.
„Ова е над сонот кој го имав само да играм кошарка во НБА. Го видов Шек како работи во Сакраменто, Грент во Атланта и Џордан во Шарлот. Ова е еден вид на партнерство и сакам да бидам вклучен. Многу е тешко да се дојде до ваква можност и не ја сфаќам несериозно. Му благодарам на Рајан и верувам дека ќе донесам многу повеќе од моето знаење во кошарката“, изјави Вејд.
39-годишниот Вејд се сретнал со Смит на голф во Калифорнија веднаш по пензионирањето во 2019 и тие станаа блиски пријатели. Вејд вели дека научил многу од 42-годишниот Смит, кој е газда на компанијата „Квалтрикс“ со која направи богатство пред во октомври да го купи Џез за 1.66 милијарди долари.