Најмалку девет полицајци се повредени во судир со српски навивачи во центарот на Минхен во пресрет на решавачкиот натпревар за премин во осминафиналето меѓу Данска и Србија, објави германската агенција ДПА.
Конфликтот почнал околу 17:00 часот на градскиот плоштад Мариенплац кога полицијата извршила претрес на еден од навивачите поради сомнение дека поседува пиротехнички средства. Според полицијата, тоа било причина за фрлање шишиња и маси кон нејзините членови, кои потоа возвратиле со употреба на солзавец и палки.
По судирот на Мариенплац, српските навивачи продолжија да користат нелегални пиротехнички средства во близина на станицата на метрото, но и внатре во стадионот.
Поради тоа, неколку лица се обвинети за нарушување на јавниот ред и мир, нанесување тешки телесни повреди и напад на полициски службеници.
Нема информации за бројот на повредени српски навивачи.