Еспањол ја забележа својата трета победа во повратничката сезона во Ла лига, триумфирајќи над Кадиз со 2:0 за да се доближат до средината на табелата.
Клубот од Барселона пред две сезони испадна од елитата, но експресно се врати под водство на тренерот Висенте Морено и засега првата цел е да се обезбеди да не се испадне од лига. Откако пред неколку недели ги совладаа Реал Мадрид, овојпат имаа многу помалку реномиран противник во Кадиз, и го искористија тоа.
Раул де Томас го постигна првиот гол во финишот на првото полувреме, пред Нико Меламед да го постигне деби голот во Ла лига во 65. минута за три поени.
Претходно, Бетис во самиот финиш на гостувањето кај Алавес стигна до 0:1 победа, нивни трет триумф во последните четири меча.