Од специјалниот известувач од Вимблдон
Како и минатите години, така и оваа, известувачот на Макфакс и Топ спорт од Вимблдон, на првиот ден од почетокот на тенискиот турнир, направи кратка анкета меѓу новинарите за тоа кого очекуваат да биде победник на турнирот во машка и женска конкуренција. Нивните прогнози се слични кога е машкиот дел од турнирот во прашање, додека во женска конкуренција, како најавуваат, сè ќе биде отворено до последниот ден.
За известувачот на Гардијан, Тумајни Карајол, фаворити се Јаник Синер и Карлос Алкарас, меѓутоа не е сигурен кој од нив ќе биде победник.
„Алкарас победи на последниот Роланд Гарос и тој е мој фаворит, меѓутоа, исто така, и Синер игра одлично. Ѓоковиќ е аутсајдер бидејќи немаше добра сезона и прашање е колкава ќе биде неговата мотивација на овој турнир. Исто така, и прашање е повредата колку ќе го спречи за добар резултат. Го гледав на тренинг мечевите и, воопшто, не ми изгледаше добро“. Што се однесува до женскиот дел од турнирот, за него сè е отворено до крај. „Сабаленко е мојот фаворит. Исто така, и Швјонтек може да биде победник бидејќи доаѓа како шампионка на Ролан Гарос. Тука е и Елена Рибакина, како и Онс Жабер, која играше во двете последователни финалиња на Вимблдон. Кај жените ништо не може да се предвиди“.
За репортерот на Би-би-си, Сајмон Манди, оваа година треба да биде година на новата генерација на тенисери кои ќе владеат во наредните години. „Надал не е тука, Енди Мареј лошо игра, а Ѓоковиќ поради повредата нема да може да го издржи целиот турнир. За мене главен фаворит е Синер. Женскиот дел од турнирот е многу возбудлив. Кај нив постојано нешто се менува: Швјонтек, Гоф, Сабаленка, Жабер. За мене Сабаленко игра добро на трева, а Швјонтек не ми е фаворит“.
Гунс Петерс известувач за холандскиот весник Волкскрант верува дека Синер и Алкарас се фаворити. „Мислам дека во тоа рано финале Синер ќе победи и ќе му се реваншира за Ролан Гарос. Новак можеби е аутсајдер, но тој седум пати е вимблдонски шампион и секогаш може да одигра добар турнир. Сè зависи како ќе се избори со неговата повреда. Кај жените е многу потешко за прогнозирање. Швјонтек е голем фаворит, но тревата не е нејзина подлога. Затоа можно е Гоф или Жабер да се појават во преден план“.
Сосема поинакви очекувања за машкиот и женскиот турнир има чилеанецот со македонски корени, Себастијан Варела, од порталот Клеј од Сантијаго де Чиле, за кого фаворит е Ѓоковиќ. „Овој пат нема да се обложувам против Ѓоковиќ бидејќи секогаш кога сум го правел тоа, сум изгубил. Така што, мислам дека Ѓоковиќ ќе ги изненади сите и ќе се изедначи со Федерер со осум шампионски титули. Сепак, ова учество ќе го чини да нема добар резултат на Олимписките игри во Париз. Кај жените посакувам да победи седумнаесет годишната Русинка Мира Андреева, исто како што победи нејзината сонародничка Шарапова со 17 години пред 20 години. Тоа би била совршена приказна“.
Занимливи се размислувањата и прогнозите на известувачите кои доаѓаат од земјите од каде се и најголемите фаворити за освојување на машкиот дел од турнирот.
За Антонело Гуерера, дописник на римска Ла Република од Лондон, нема дилема дека неговиот сонародник Јаник Синер е фаворит број еден. После него Алкарас е вториот фаворит, додека на Новак Ѓоковиќ не му дава големи шанси поради повредата и недоволната подготвеност за турнирот. „Ова е голема можност за Синер, бидејќи тој од Австралија Опен игра најконзистентно и, како изјави на прес конференцијата, е полно со самодоверба. Иако неговиот распоред до финалето е најтежок, сметамм дека има капацитет да ги помине сите предизвици и да победи било кого бидејќи е многу позрел од минатогодишното полуфинале со Ѓоковиќ. Кај жените е многу понепредвидливо. Се надевам дека Жабер конечно ќе го освои турнирот, бидејќи Швјонтек не игра добро на трева“.
Шпанскиот новинар Мануел Санчез, кој известува од Вимблдон за агенцијата ЕФЕ од Мадрид, верува дека Алкараз и Ѓоковиќ имаат големи шанси да стигнат далеку на турнирот бидејќи и распоредот им е доста поволен. Во полуфиналето Алкарас-Синер смета дека шансите се 50-50. „Многу ќе зависи од играта која Синер ќе ја покаже на претходните мечеви, бидејќи има тежок распоред. Тој не е играч кој игра пет сетови, и затоа во евентуалното полуфинале, сепак за мене Алкараз би бил фаворит. Ѓоковиќ има лесен распоред до четвртфиналенто, каде може да игра против Хуркач, но верувам дека до тогаш ќе ја подигне својата форма и дека во полуфиналето ќе ги видиме Ѓоковиќ, Алкараз и Синер. Доколку ни се повтори минатогодишното финале, преднос му давам на Алкараз бидејќи тој знае да игра во пет сетови, а Новак е сепак со повредено колено. За Алкараз мислам дека полуфиналето би му било потешко против Синер, отколку финалето со Новак. Новак можеби и нема да стигне до финалето, бидејќи Хуркач го има најсилниот сервис на турнирот, а за Синер верувам дека сигурно ќе биде во полуфиналето“. Кај жените очекува добар турнир за Швјонтек. „Можеби нема да игра во финалето, но ќе стигне далеку. Освен неа, типувам на Коко. Сабаленко има проблеми со сервисот и не верувам дека претходните изненадувања можат да се повторат и оваа година“.
За Вук Брајовиќ од белградски Курир главното прашање е „Мистеријата Ѓоковиќ“. „Ако имаше ваква ждрепка било која година во последните десет – веќе ќе се сметаше за учесник барем во полуфиналето. Бидејќи е јасно дека не е во посакуваната форма по операцијата на менискусот, паузите на тренинзите и е без подготвителни натпревари, буквално секој негов противник се јавува како сериозна закана, без разлика на рангот или меѓусебниот скор. Ако Новак го помине четвртото коло, му давам голема шанса за финале, а таму сè е можно. Исто така, со нетрпение се очекува најавениот судир во полуфиналето Синер-Алкараз. Алкараз има микро-предност пред Синер, но конечниот победник на турнирот многу ќе зависи од тоа кој и во каква состојба ќе излезе од нивното полуфинале. Накратко – еден од најотворените Вимблдони на овој век“. Кај жените смета дека победник може да биде било која од Швјонтек, Рибакина, Гоф, Жабур или некоја добра серверка која ќе има и малку среќа во извлекувањето. Тој не би ја ставил Сабаленка на оваа листа бидејќи не се чувствува добро.
И неговиот сонародник Милош Бечаговиќ од белградскиот портал Телеграф надежите ги усмерува кон Новак Ѓоковиќ. „Закрепнувањето му оди добро, и се надевам дека Новак ќе биде на ниво, и за сметка на тоа и прв фаворит на турнирот. Но за тоа ќе можеме да судиме после првите три кола. Веднаш до него е Јаник Синер, кој е многу интелигентен играч кој учи на своите грешки, и никогаш еднаш направена грешка не ја повторува. Алкараз на Ролан Гарос ја поврати својата форма и не би го отпишал. Сепак, Синер е фаворит“. За него Швјонтек играта што ја покажала на Ролан Гарос е застрашувачка и ако ја пренесе на Вимблдон тоа би било неверојатно. „Единствено Сабаленка и Рибакина можеби би можеле да ја спречат“.
Ненад Живановски