Светскиот број 1, Јаник Синер, сезонава има големи проблеми со повредите, поради што реши да стави крај на актуелната сезона.
Италијанскиот тенисер го пропушти Отвореното првенство на САД, постојано го одложуваше враќањето, а конечно одлучи да не се врати на теренот оваа година.
Синер истакна дека размислува за својата кариера на долг рок и дека тоа е причината за одлуката што решил да ја донесе.
„Здраво на сите, би сакал да ви дадам мало „ажурирање“. Заедно со лекарите, одлучивме дека ми е потребен третман на коленото, што значи дека сезоната 2026 е официјално завршена. Последните неколку години, особено крајот на сезоната во Торино, ми донесоа многу убави чувства и емоции, а оваа година ќе биде многу поинаква, но во моментов морам да размислувам за мојата кариера на долг рок. Ќе дадам се од себе да се вратам во најдобра форма. Ви благодарам за поддршката и се надевам дека наскоро ќе се видиме на теренот“, рече Јаник Синер во обраќање на „Инстаграм“.
Неговите проблеми почнаа да се испитуваат во текот на летото, по здравствените проблеми што прво ги имаше во полуфиналето на турнирот во Рим против Данил Медведев, а потоа и во Париз, каде што доживеа криза на Ролан Гарос и беше елиминиран во второто коло од Хуан Мануел Серундоло.
По паузата и освојувањето на Вимблдон, работите се чинеа дека се стабилизираат. Сепак, за време на подготовките се појавија нови проблеми со коленото.
Според извори од Италија, проблемот бил поврзан со воспаление на илиотибијалната фасција, односно ткивото кое учествува во преносот на силите за време на движењето и им овозможува на околните структури да се лизгаат.
Оттогаш, тој постојано го одложува своето враќање и, на крајот одлучи дека нема да биде на теренот до крајот на 2026 година.
Пoвлекувањето на Синер исто така значи дека Александар Зверев најверојатно ќе ја заврши годината како светски број еден.
Foto/ Depositphotos






