Со два гола за десетина минути во второто полувреме, селекцијата на Чешка е сензационален победник во третиот осминафинален дуел на ЕУРО 2020. Настрада Холандија на Франк де Бур. 2-0 за селекцијата на тренерот Шилхави.
Првите 45 минути на стадионот „Пушкаш арена“ пред полни трибини не донесоа кој знае колку допадлив фудбал. Без стоотстотни шанси пред двата гола.
Во вториот дел пресврт на мечот беше црвениот картон кој заслужено го доби стоперот на „лалињата“, Матијс Де Лихт, во 55 минута. По еден дуел со Патрик Шик, дефанзивецот изгуби рамнотежа, па за де не овозможи слободна акција на противникот, играше со рака на 18-тина метри.
Судијата Карасев покажа само жолт картон, но по ВАР асистенција ја промени одлуката и Де Лихт го испрати во соблекувалната.
За споменување, само 3 минути порано, Мален имаше 100-процентна шанса, излезе сам пред голманот Вацлик, се обиде да го дрибла, но голманот беше поуспешен.
По црвениот картон комплетен распад на тактиката на Де Бур.
По една висока топка во 68 минута, Холеш највисок во скокот носи предност за Чешка од 1-0.
Уште не успеа холандскиот национален тим да се соземе од шокот, а Патрик Шик (80 минута) со својот четврти гол на шампионатот стави точка на победата и пласманот во четвртфиналето за Чесите. За напоменување е дека стрелецот на првиот гол е асистент при вториот погодок за победникот.
Противник на Чешка, која во групната фаза имаше една победа, еден нерешен дуел и еден пораз, ќе биде селекцијата на Данска.