Фудбалерот на Челси, Ромелу Лукаку вели дека е подготвен да заигра за „сините“ веќе во недела на дербито против Арсенал и тоа во дресот со број 9 кој е достапен по заминувањето на Теми Абрахам во Рома.
„Го земав дресот со број 9. Многу сум среќен што сум овде. На располагање сум му на тренерот“ рече Белгиецот.
Лукаку минатата недела го напушти Интер и се врати во Челси, клубот за кој играше од 2011 до 2014 година. Во првиот „мандат“ кај „сините“ одигра само 15 меча и не постигна гол.
За разлика од тоа, во Интер на 95 меча постигна 64 гола, а минатата сезона беше најзаслужниот што „Нероазурите“ стигнаа до Скудетото по пауза од 10 години.
Белгискиот голгетер наведува дека мечевите во италијанската лига се „технички и тактички“.
„Во Англија е поинаку. Не е тоа нешто ново за мене, само се враќам на старо и се прилагодувам на соиграчите. Без оглед на планот за игра кој го има тренерот, можам да се прилагодам и да му помогнам на тимот“ вели Лукаку.
Челси на нова титула во Премиерлигата чека од сезоната 2016/17.