ЛШ: Мбапе му донесе половична одмазда на ПСЖ против Баерн, Челси со сериозна предност против Порто

ЛШ: Мбапе му донесе половична одмазда на ПСЖ против Баерн, Челси со сериозна предност против Порто

пред 2 недели

Пари Сен-Жермен стигна до 3:2 победа на „Алијанц арената“ против Баерн Минхен, делумно одмаздувајќи се за минатогодишниот 3:1 пораз во финалето на Лигата на шампионите, и поставувајќи супер-интересен реванш на „Паркот на принцовите“ за пласман во полуфиналето на елитното европско натпреварување.

Челси, пак, на гости во Севилја кај Порто, стигна до убедлива 0:2 победа, со која со една нога исто така е меѓу најдобрите четири во Европа.

Во снежниот Минхен, првото полувреме помина во знакот на Нејмар и на ПСЖ, откако тој имаше две асистенции за два гола. Прво уште во третата минута убаво го најде Килијан Мбапе за 0:1, за во 28. минута, уште поубаво да асистира до Маркињос за 0:2.

Ерик-Максим Чупо-Мотинг им даде надеж на Баварците за пресврт со гол против поранешниот клуб во 37. минута, пред во второто полувреме, Баерн да израмни на 2:2 преку Томас Милер. Но, наместо целосен „германски камбек“, овојпат Килијан Мбапе само шест минути подоцна ја врати предноста на Парижани.

Челси, пак, бргу се опорави од поразот од Вест Бром во Премиер лигата, за да стиген до импресивна 0:2 победа против незгодниот Порто. Мејсон Маунт во 32. минута со прекрасно свртување постигна убав гол, пред Бен Чилвел во 85. минута да обезбеди сериозна предност за тимот на Томас Тухел.

Share
Scroll to Top