Роберт Левандовски и Серж Гнабри не се задоволни од статусот во Баерн Минхен, двајцата имаат желба да го напуштат клубот во преодниот рок. Левандовски се поврзува со Барселона, додека за Гнабри има интерес кај неколку клубови од Премиер лигата, а наводно и Реал биле подготвени да се вклучат во трката за неговиот потпис.
Легендата на германскиот фудбала Лотар Матеус го советува клубот веднаш да ги продаде.
Матеус смета дека клубот треба Полјакот и Германецот да ги замени со Ромелу Лукаку и Садио Мане.
„Веднаш би потпишал со Лукаку ако е тоа економски можно. Лукаку и Мане би донеле нова харизма и квалитет наместо Левандовски и Гнабри. Со таков тим и напад Баерн би немал причина да се плаши од ниту еден ривал. Ниту еден дефанзивец не би сакал да го чува Лукаку, а Мане е флексибилен и може да игра се во нападот. Мислам дека можат да бидат достапни за помалку пари бидејќи имаат 30 години, но сигурен сум дека се идеални решенија за следните неколку години“, изјави Матеус.