Почетокот на новата сезона во најсилните европски фудбалски лиги со себе донесе и враќање на навивачите на трибините.
Најмногу имаше во Премиерлигата каде немаше ограничување на капацитетот. Освен во Англија, првото коло минатиот викенд се играше во Германија и Шпанија, а во Франција на програмата беше 2. коло.
На „Олд Трафорд“ повеќе од 72.000 гледачи во живо ја видоа победата на Јунајтед од 5-1 против Лидс, додека над 58.000 публика имаше на мечот Тотенхем – Манчестер Сити во Лондон.
На 10-те меча во ПЛ просечно имало по околу 37.000 навивачи.
Голема беше посетеноста и на стадионите во Франција, таму во просек на секој меч имало по 20.000 публика.
Разбирливо најмногу гледачи имаше на „Паркот на принцовите“ каде ПСЖ ги претсави новите ѕвезди – безмалку 47.000.
Во Бундеслигата е дозволено да бидат продадени 50% од столчињата на трибините, но на стадионите не смее да има повеќе од 25% од капацитетот.
Дека не се почитуваат докрај препораките покажува фактот што на „Сигнал Идуна парк“ во Дортмунд имало 25.000 навивачи иако стадионот може да прими 81.000. Од друга страна, во Менхенгладбах, на првиот меч од новата сезона Борусија извади реми 1-1 со шампионот Баерн. Таму на трибините имало 23.000 навивачи, а капацитетот на стадионот е 54.000.
Во Шпанија властите дозволија да биде исполнет 40% од капацитетот на стадионите.
Дуелот на „Ноу Камп“ меѓу Барселона и Реал Сосиедад во живо го гледале околу 20.000 гледачи, а капацитетот на зданието е близу 100.000.
Претстојниот викенд започнува и сезоната во Серија А, најавено е дека ќе може да се исполнети 50% од капацитетите на стадионите.