Поради повредата што ја заработи на мечот во средината на ноември, бразилскиот напаѓач Нејмар (32) годинава нема да се врати на терените. Некогаш еден од најдобрите фудбалери во светот, од Светското првенство во 2022 година одигра само 20 натпревари.
Швајцарскиот „Скај Спорт“, тврди дека Нејмар ги информирал раководството и соиграчите дека го напушта Ал Хилал и дека негов нов клуб ќе биде Интер Мајами.
Нејмар сака уште еднаш да игра со Лионел Меси и Луис Суарез и со тоа повторно да го формира напаѓачкото трио МСН, кое доминираше во Барселона. Нејмар неодамна купил плац во Мајами и таму ќе гради вила.
Кошмарот на Нејмар почна по Катар и Светското првенство во 2022 година. Тој беше надвор од терените 131 ден поради операција на скочниот зглоб, 30 дена поради повреда на мускулот, потоа ги скина вкрстените лигаменти поради што отсуствуваше 366 дена, а од ноември има повреда на мускулот на десната нога.
Повредата ја заработи на натпревар од Лигата на шампионите во Азија во кој Ал Хилал на домашен терен го совлада Естеглал со 3-0. Бразилската ѕвезда влезе во игра во 58. минута од натпреварот и ја напушти во 86. минута. Нејмар оваа сезона одигра само 13 минути против Ал Аин и 29 минути против Естеглал.
За Ал Хилал, клуб од Саудиска Арабија кој му плаќа околу 120 милиони евра по сезона, тој има одиграно само седум натпревари од неговото доаѓање минатото лето. Постигна еден гол и забележа три асистенции.
Во текот на кариерата играше и за Сантос, Барселона и ПСЖ, а официјално е најскапиот фудбалер на светот. ПСЖ за него и плати на Барселона 222 милиони евра во август 2017 година.