Возачот на Трекхаус, Аи Огура, е дисквалификуван од трката за ГН на Аргентина, откако неговиот тим користел софтвер кој претходно не ја поминал хомологацијата.
Јапонскиот возач го зазеде импресивното осмо место на втората трка од сезоната, откако стартуваше од 15-та позиција.
„Огура користеше нехомологирана верзија на софтверот (V21 b102), која не е одобрена во Светскиот шампионат. Ова е спротивно на членот 2.4.3.5.3 за електрониката од правилникот на Светското првенство“, се вели во соопштението на Дирекцијата за трка.
Тимот нешто подоцна излезе со соопштение во кое се наведува дека иако Огура не добил никаква предност од грешката, ја прифатиле казната.
Дисквалификацијата на Огура од втората трка во сезоната му овозможи на неговиот тимски колега Раул Фернандез да освои еден бод, откако се искачи на 15.место.
Актуелниот шампион во Мото2 имаше импресивен деби викенд, откако заврши четврти во спринтот во Тајланд, а потоа петти на главната трка. Јапонецот моментално е осми во генералниот пласман.
Триумф на трката за ГН на Аргентина го освои доминантниот Марк Маркез на Дукати, пред неговиот помлад брат Алекс и Франко Морбидели од тимот ВР46.
Следната трка од сезоната во Мото ГП шампионатот е Големата награда на Америка во Остин од 28 до 30 март.