Првиот круг на ЕУРО 2020 ќе го затворат натпреварите во „групата на смртта“. Унгарија од 18 часот ќе игра против Португалија, а пвото коло ќе биде затворено со супер-дербито Германија-Франција.
Унгарија, против Португалија, ќе игра на домашен терен во Будимпешта. Секој резултата кој нема да значи победа на Португалија ќе биде рамен на сензација.
Иако, пред пет години, кога Португалија ја освои титулата, Унгарците во групата успеаја да освојат бод (3:3).
Португалците немаат право на кикс, бидејќи по дуелот со Унгарија ги очекуваат натпреварите против Германија и Франција.
Жоао Кансело, поради коронавирусот нема да игра за Португалија, додека Унгарците се без својот најдобар играч, Доминик Собослаи, кој поради повреда го пропушта ЕП.
Стадионот на Баерн во Минхен, ќе биде местото каде ќе се соочат Германија и Франција.
Французите се апсолутни фаворити, имаат посилен тим од оној кој победи на Мундијалот во Русија пред три години, но Германија никако не смее да се потцени.
Германија, најтрофејната европска селекција, нема пораз на премиерите на континенталните шампионати на последните 12 натпреварувања. Јавноста стравува како ќе изгледаат избраниците на Јоаким Лев, потсетувајќи на дебаклот од Шпанија (6:0) во октомври минатата година и поразот од Македонија во Диселдорф (2:1), пред неколку месеци.
Одбраната на Германија ќе биде под голем притисок, со оглед на тоа дека францускиот напад ќе го предводат Гризман, Мбапе и повратникот Бензема. Секако и Германија има свои адути во нападот, покрај Гнабри, Сане и Вернер, закана по Љорис ќе биде и ветеранот Милер.