Претседателот на Меѓународната автомобилска федерација (ФИА), Мохамед Бен Сулајем, е под истрага за наводно мешање во резултатот на минатогодишната трка во Формула 1 за Големата награда на Саудиска Арабија.
Бен Сулајем интервенирал во дирекцијата на трката да ја поништат казната од 10 секунди која му беше доделена на возачот на Астон Мартин Фернандо Алонсо.
Алонсо беше казнет со дополнителни 10 секунди откако механичарите во боксот го допреа задниот дел од неговиот болид додека тој одработуваше казна од пет секунди. Таа казна ја доби затоа што не беше прецизно позициониран на стартот на трката – во означените линии на стартното место.
Двократниот светски шампион на тој начин ја задржал третата позиција, пред возачот на Мерцедес Џорџ Расел.
Бен Сулајем, наводно, побарал од дирекцијата на трката и шеикот Ал Калифа, одговорен за Блискиот Исток и Северна Африка во ФИА, да се погрижат казната на Алонсо да биде поништена.
Возачот на Ред Бул, Серхио Перез, триумфираше на таа трка пред клупскиот колега Макс Ферстапен.