Едер Милитао, Давид Алаба, Антонио Рудигер, Начо Фернандез. Ова е списокот на сите стопери на Реал, но и на сите кои нема да настапат во еден од најзначајните натпревари сезонава за „кралскиот клуб“.
Реал, во сабота од 18.30 часот во 24. коло во Ла Лига ја пречекува Џирона, сензација со која веќе подолго време менуваат на првото место, а останатите не можат ни да им се доближат.
Имено, Реал е лидер со 58 бодови, а втора Џирона со 56. Далеку зад нив се третата Барселона со 50 и Атлетико со 48 бодови.
Јасно е зошто Шпанците натпреварот во сабота го нарекуваат шампионско дерби.
И Џирона ќе биде ослабена во натпреварот на сезоната, од клупата нема да ја предводи суспендираниот тренер Мичел, а на теренот ќе го нема дефанзивецот Дејли Блинд.
Реал и против Атлетико имаше проблеми со централните дефанзивци, тогаш во последната линија играа Начо и Карвахал. Пред два дена Начо се повреди, што значи дека против Џирона стопери ќе бидат Карвахал и Луамени, кој поради суспензија не играше против Атлетико. Бекови ќе бидат Лукас Васкез и Менди, што значи дека против Џирона на клупата за резерви ќе има само еден дефанзивен фудбалер, левиот бек Фран Гарсија, што значи дека Карло АНчелоти ќе мора да повика еден или двајца играчи од резервниот тим.