Поранешниот шампион во Формула 1, Нико Розберг имаше интересен коментар за битката меѓу Макс Ферстапен и Луис Хамилтон за првото место на трката за ГН на САД во Остин.
Хамилтон имаше водство и се чинеше дека има шанса да ја оствари својата прва победа сезонава. Сепак, Холанѓанецот направи одличен маневар и го мина седумкратниот светски шампион на седум круга пред крајот и стигна до својата 13. сезонска победа.
„Мислам дека Луис ја потцени максималната брзина на Ред Бул. Не очекуваше нападот да дојде во кривината, бидејќи тоа беше првиот момент кога Макс навистина му се доближи. Едноставно, да знаеше, ќе закочеше малку подоцна и ќе ја затвореше вратата. Вака немаше никакви шанси“, истакна Розберг.
Германецот истакна дека навивал за Хамилтон.
„Бев воодушевен од патеката во Остин. Луис покажа класа и секогаш е задоволство да се гледа. За негова жал, Макс е недопирлив оваа година“, изјави Розберг.
Формула 1 шампионатот продолжува викендов со трката за Големата награда на Мексико.