Мамс Тејлор, промоторот на организацијата „Мисфитс бокс“ најави пресметка во рингот меѓу Златан Ибрахимовиќ и Вејн Руни.
Веќе некое време се шпекулира дека Златан би можел да се испроба во боксот, а сега стигна и потврдата.
„Разговарав со Златан за борбата. Јас сум добар пријател со неговиот менаџер и ние тројца разговаравме на ова тема. Беше многу интересно бидејќи Златан гледаше многу борби во нашата организација и знае за што се работи. Тој би бил одличен боксер“, рече Тејлор, а потоа го откри името на ривалот:
„Како што стојат работите, противник на Златан ќе биде Руни. Имаше разговори за тоа и мислам дека е само прашање на време. Има и други имиња, но тие не се толку големи како овие двајца”.
Засега не се знае кога советникот во Милан и тренерот на Плимут би можеле да си ги одмерат силите. Руни е познат како голем љубител на боксот, но засега не се огласил по повод можната борба.
Двајцата играа заедно во Манчестер Јунајтед каде ја освоија Лига Европа, Лига Купот и Комјунити Шилд.