„Би ги советувал сите сега да не паѓаат во еуфорија“, изјави првиот човек на Баерн, Оливер Кан по победата од 2:0 над Барселона во Лигата на шампионите. Како да знаеше дека на Баерн му претстои голем кикс на следниот натпревар, можеби најголемиот оваа сезона. Три дена по големото славје, Баерн загуби од Аугсбург со 1:0.
Единствениот гол на натпреварот беше дело на офанзивецот Мергим Бериша. За Баерн ова е четврти натпревар без победа во низа и моментно е само четврти тим во Бундеслигата. По ремијата против Борусија Менхенгладбах, Унион Берлин и против Штутгарт, Баварците го претрпеа првиот пораз во новата сезона.
„Расположението одамна не било вака лошо, сите сме паднати“, изјави по натпреварот спортскиот директор на Баерн, Хасан Салихамиџиќ, и само го потврди тоа што го кажа тренерот Јулијан Нагелсман веднаш по последниот судиски свиреж. Стратегот на Баерн се упати кон соблекувалната со тажен израз на лицето и таму остана многу подолго од вообичаеното, речиси половина час.
Германските медиуми пренесуваат дека во соблекувалната Нагелсман ги „строел“ играчите и побарал објаснување од нив за толку лошо одиграниот натпревар, а на прес-конференцијата јасно стави до знаење дека е свесен дека тој ја сноси најголемата одговорност.
„Сега сите се во неволја, не само Јулијан Нагелсман. Нема повеќе изговори, сега мора да дојдат победите“, изјави Салихамиџиќ по мечот и на најдобар начин опиша колку е длабока кризата што го тресе германскиот шампион.