Јаја Туре, иако има статус на легенда на Манчестер сити, останува во „незгодни“ односи со англискиот клуб, иако самиот вели дека се обидува да ги поправи односите, почнувајќи со писмо со извинување до Пеп Гвардиола, кого претходно го обвини дека не ги сака африканските фудбалери.
Туре има освоено три титули од Премиер лигата со Манчестер сити, а сега на 37 години, признава дека големиот дел од вината е кај него. Тој вели дека не бил во посета на Сити по повлекувањето во 2018 година и покрај тоа што има доживотен билет и еден терен за тренинг кој го носи неговото име.
Но, во Сити не го заборавиле бурното интервју за „Франс фудбал“ еден месец по неговото заминување. Туре открива дека минатата година пратил писмо до клубот, нудејќи целосно извинување за неговото однесување. Засега, тој не добил одговор и не знае дали тоа стигнало до Гвардиола.
„Тоа интервју беше мојата голема, огромна грешка. Кога ќе му дадеш доверба на некој друг, тогаш таа може да се претвори во нешто што не си посакувал. Знам дека луѓето не беа среќни. Пратив писмо до некои важни луѓе во кои признавам дека бев нечесен кон клубот, но не добив одговор. Сакам мир, не караници. За фановите, за клубот, понекогаш работите мора да се средат“, вели Туре.
Туре, кој сега работи како тренер во Украина со тимот на Олимпик Доњецк, признава дека односите на неговиот агент Дмитриј Селук со Сити не биле најдобри и дека требал да се дистанцира навреме.
„Беше тешко – изгледам како лоша личност поради негативните работи околу мене. Не е во ред да се каже дека сум лоша личност. Не сакав да одговарам, бидејќи фудбалот беше најважен за мене. Но, морав да се справам со работите на поинаков начин. Многу работи можеа да бидат подобри“, додава Туре.