Еден Азар вели дека е сигурен дека ќе ја покаже својата вредност во Реал Мадрид отфрлајќи ги тврдењата дека постојано е повреден и е во слаба физичка форма.
Белгиецот пристигна на „Сантијаго Бернабеу“ од Челси за 100 милиони евра во 2019 година и се мачеше со повредите, така што ова лето Реал најавуваше дека е можно да го продадат, иако немаше многу понуди.
„Потпишав со Мадрид на пет сезони. Првите две не беа добри, повредите не ми помогнаа, но имам уште три да се докажам. Се надевам дека едно утро ќе се почувстувам одлично на тренинзите. Чекам момент да ја покажам вредноста. Реал потрошија многу пари за мене и сакам да вратам за тоа. Но, луѓето мислат дека постојано сум повреден. Да, тоа беше така последните сезони, но ако ја видите мојата цела кариера нема фудбалер кој одиграл толку многу мечеви како мене. Го правам тоа што морам да го правам, работам со физиотерапевтите, работам на физичката подготовеност. Сега сум добро, но не сум на 100 отсто и се надевам дека формата ќе оди нагоре. Никој не сака да биде во болки и да биде повреден“, вели Азар.