Кристијано Роналдо има „поинаква глава“ од сите други фудбалери, вели поранешниот тренер на Јувентус, Масимилијано Алегри, признавајќи дека Португалецот го има најдобриот менталитет од многубројните фудбалери со кои работел.
Алегри работеше со Роналдо во својата последна година како тренер во Торино, во 2018/19, во која Роналдо постигна 21 голови за титула во Италија. Бидејќи тренерот претходно освои скудето и со Милан во 2010/11, имаше шанси да работи со многу ѕвезди.
„Имав многу силни фудбалери со силен менталитет. Дефанзивци како Џорџо Кјелини и Алесандро Неста, фудбалери од средниот ред како Џенаро Гатузо и Кларенс Сидорф и напаѓачи како Златан Ибрахимовиќ и Кристијано Роналдо. Роналдо е на врвот според менталитетот. Тој има поинаква глава од сите. Освои пет ‘Златни топки’, пет титули од Лигата на шампионите, еден европски трофеј со Португалија, што е многу тешко и секогаш тој бил клучниот човек. Секоја година има нова цел“, вели Алегри во интервју за британскиот „Тајмс“.
Бидејќи е без работа од 2019 година, Алегри признава дека има амбиција да работи во Премиер лигата, за што веќе подолго време зема часови по англиски јазик.
„Тренерот не треба да создава немир и анскиозност кај фудбалерите. Правиш голема грешка ако одиш само според твоите идеи, твојата мисла и не работиш на човечкиот потенцијал кој го имаш. Фудбалот се одлучува од фудбалерите. Да, секој тим треба да има организација и тактика преку тренерот, но важно е да се работи индивидуално. Тренерот мора да е и психолог. 80 отсто психологија, 20 отсто тактика“, објаснува Италијанецот.