Фернандо Алонсо, во интервју за „Марка“, го испофалил помладиот колега и некогашен тимски колега, Луис Хамилтон.
Алонсо и Хамилтон заедно беа во тимот на Мекларен во 2007 година. Таа сезона двајцата освоија по 109 поени, а титулата му припадна на Кими Раиконен.
Хамилтон, потоа стана шампион со Мекларен, па се пресели во Мерцедес каде освои усвои уште шест титули.
„Впечаток е, кога ќе се погледне тимот и неговите квалитети како возач, дека бил во вистинско време на вистинското место. Би можело да се каже дека има среќа во клучните моменти, но морате да бидете објективни кога ја анализирате неговата кариера. Дали го има најдобриот болид? Го има. Но и во најдобриот болид морате на секоја трка да бидете најдобар, а тој тоа го прави на секоја трка и тоа со години. По дожд, на суво, во секакви услови, па дури и сега кога Ред Бул се блиску. Такви работи можете да правите само доколку сте на највисоко ниво. Мислам дека луѓето не се свесни колку е тој добар и дека не го ценат доволно“, рекол двократниот светски првак, Алонсо.
Алонсо и Хамилтон овој викенд ќе возат на трката за Големата награда на Шпанија.