Баерн Минхен ќе ја спасува Германија?!

Баерн Минхен ќе ја спасува Германија?!

пред 3 години

По дебаклот што германската фудбалска репрезентација го имаше во вториот циклус од Лигата на нации и по еден од најтешките порази во историјата на „Елфот“, фудбалскиот сојуз од оваа земја по вторпат во 16 месеци бара извештај од селекторот Јоаким Лев. За разлика од летото 2018-та, сега во негово име пред 19-члената комисија ќе зборува директорот на репрезентацијата, Оливер Бироф.

Германските медиуми пишуваат дека на овој начин од Сојузот му даваат можност на Лев сам да отстапи од состанокот, наместо по 14 години на кормилото на „панцирите“ да биде сменет како селектор.

„Селекторот ќе добие време и емотивен простор од темел да ја согледа ситуацијата во која се наоѓа селекцијата на Германија. Во спортска смисла тоа значи дека селекторот ќе ги анализира причините за тешкиот пораз од Шпанија“ стои во соопштението на Сојузот.

Дел од германските медиуми пишуваат дека по толку неуспеси, тешко дека Лев ќе може и понатаму да остане на кормилото на Германија. Информациите се дека „Управата на Баерн Минхен ќе мора да интервенира и да ја спаси репрезентацијата ако работите тргнат на лошо“.

Иако не е до крај јасно што се мисли со ова, сепак можно решение за клупата на Германија е и Ханси Флик, актуелниот кормилар на Баерн, кој експресно по преземањето на екипата од Нико Ковач, донесе 5 титули.

Флик 8 години му беше помошник на Лев во селекцијата. На таа функција освои европско сребро и светска бронза, пред да стигне и до светското злато, од 2014 година.

По тоа стана директор во Сојузот, а играчите во селекцијата, според наводите, го обожуваат, него и неговите методи на работа.

Share
Scroll to Top