Барселона, наводно му наложила на тренерот Ханси Флик да се воздржи од какви било коментари за Жозе Мурињо, кој неодамна се врати на клупата на Реал Мадрид.
„Раководството на каталонскиот клуб сака да избегне медиумски конфликти по кои е познат Мурињо и да спречи повторно ескалирање на историското соперништво“, пишува Goal.com.
Откако пристигна на Камп Ноу, Флик изгради репутација на тренер со смирен пристап кон медиумите. Германскиот стратег систематски избегнува контроверзии и инсистира прес-конференциите да бидат посветени исклучиво на претстојните натпревари, без да се осврнува на теми надвор од теренот.
Сепак, враќањето на Жозе Мурињо во Реал Мадрид предизвика реакција од раководството на Барселона. Според весникот Спорт, челниците на клубот го информирале Флик за деталите од првиот, многу конфликтен мандат на Мурињо во Мадрид.
Клубот е решен да спречи повторување на напнатата атмосфера што го одбележа соперништвото тогаш. Флик беше предупреден за психолошките игри на Мурињо против поранешниот тренер Пеп Гвардиола и инцидентот кога имаше близок контакт со Тито Виланова, тогашен помошник тренер на Барселона.
„Откако му ја презентираше историјата на конфликтот, одборот на Барселона му даде јасни инструкции на Флик. Во извештајот се вели дека пораката била недвосмислена: „Ни збор за Мурињо или Реал Мадрид“, пишува Goal.com.
Флик досега се придржуваше до таа директива, иако Мурињо веќе ги испрати првите јавни пораки. Португалскиот тренер го спомена случајот со Негреира, а во исто време ја пофали работата на Флик и спортскиот директор Деко.
Кога новинарите го прашаа пред лигашкиот натпревар против Елче за враќањето на Мурињо, Флик ја прекина дискусијата. Тој одговори отсечно: „Дали играме против Реал Мадрид утре? Тогаш прашајте ме за Елче“.
Стратегијата на Флик ќе биде ставена на тест на 25 октомври, кога Барселона ќе го пречека Реал Мадрид во првото Ел Класико оваа сезона. Натпреварот на Камп Ноу ќе значи дека германскиот тренер нема да може да избегне прашања за Мурињо и нивното соперништво.
Foto/ Depositphotos






