Без Роналдо, Јунајтед со маки преку Астон вила во ФА купот

Без Роналдо, Јунајтед со маки преку Астон вила во ФА купот

пред 2 години

Ралф Рангник и Стивен Џерард првпат во своите тренерски кариери водеа клуб во најстарото клупско натпреварување на светот, ФА купот, откако на „Олд Трафорд“, неубедливите Манчестер јунајтед со 1:0 ја совладаа Астон вила за да обезбедат дуел во четвртото коло против Мидлзборо.

Јунајтед беа без капитенот Хери Мегваер (повреда на ногата) и без првата ѕвезда Кристијано Роналдо (проблеми со ‘рбетот), но сепак беа фаворити на мечот на домашен терен, каде што менаџерот на Вила, Стивен Џерард првпат се враќа по крајот на кариерата и многубројните настапи како капитен на лутите ривали Ливерпул.

„Ѓаволите“ дојдоа во водство уште во осмата минута, кога по убавото нафрлање на Фред, Скот Мектоминеј ја смести топката во голот на Емилијано Мартинез. Откако имаа уште неколку шанси до крајот на полувремето, вторите 45 минути беа целосно во знакот на Астон вила. Уште во 51. минута, Дени Ингс (исто така поранешен играч на Ливерпул), постигна гол, кој по долга пауза за прегледување на ВАР беше поништен, а десетина минути подоцна уште еден гол, овојпат на Оли Воткинс беше поништен поради очигледен офсајд.

Од другата страна, Мејсон Гринвуд во 73. минута ја пропушти најдобрата шанса за Јунајтед на натпреварот, пред во 87. минута, Вила да бара пенал кога дефанзивецот Езри Конса доби (ненамерен) лакт од Лук Шо во шестнаесетникот.

Share
Scroll to Top