Фудбалерите на Њукасл го победија Арсенал со 1:0, на отворањето на 10. коло во Премиер лигата.
Стрелец на единствениот гол на натпреварот беше Александар Исак во 12. минута.
Репрезентативецот на Шведска, брилијантно скокна по центаршутот на Ентони Гордон од десната страна и со глава го совлада Дејвид Раја.
Ова не беше дерби со многу големи шанси, а „топчиите“ само еднаш стрелаа во рамката од голот на Ник Поуп.
Арсенал имаше малку поголем посед на топката, но немаше вистинска идеја, во некои моменти и концентрација, во последната третина од теренот.
Њукасл ја прекина серијата од пет меча без победа и сега е осми со 15 бода. Арсенал е без победа во три натпревари и ја зазема третата позиција со 18 бодови.
Пред репрезентативната пауза Њукасл ќе гостува кај Нотингем Форест, додека Арсенал ќе игра против Челзи.