(Видео) Кобајаши леташе 291 метар

(Видео) Кобајаши леташе 291 метар

пред 1 недела

Јапонскиот ски скокач Рјоју Кобајаши постави неофицијален светски рекорд во Исланд прелетувајќи 291 метар, што е за 37,5 метри подобро од официјалниот светски рекорд.

Рекордот Кобајаши го постави на специјално изградена скокалница во ски-центарот Хлидарфјал.

Кобајаши ги помести границите со летови од 256, 259 и 282 метри во двата дена од пробното натпреварување, а во средата го постави конечниот рекорд од 291 метар. Осум секунди бил во воздух и достигнал најголема брзина од 107,5 километри на час.

„Долго сонував за овој скок, отсекогаш сум сакал да летам подалеку од сите други и сакам да ги поместам границите“, изјави Кобајаши по најдолгиот лет во историјата.

Според соопштението за печатот на Ред Бул, специјалната скокалница е целосно изградена од снег. Врвот на залетиштето е на 1115 метри, а зоната на слетување завршува 360 метри подолу и има наклон од 36 степени.

Јапонецот во кариерата има 32 победи во Светскиот куп, два пати беше севкупен победник, има златен и сребрен медал од Олимписките игри во 2022 година, а три пати ја освојуваше и Новогодишната турнеја.

Share
Scroll to Top