Одличен меч со дури 4 погодоци одиграа попладнево градските ривали Работнички и Македонија ЃП на нашиот најголем стадион во Скопје. На крајот мечот заврши со поделба на бодовите, 2-2.
Гостите дојдоа во водство во 7 минута, со погодокот на Да Силва.
Сепак „Романтичарите“ во 10 минута со голот на Лука Станковски израмнија на 1-1.
Фернандињо во 17 минута повторно гостите од скопската населба Ѓорче Петров ги доведе во водство од 2-1.
Но до полувремето Работнички се погрижи на пауза да се оди со нерешен резултат. Голот за 2-2 беше дело на Марио Станковски.
Во вториот дел мрежите мируваа, а единствено може да се одбележи дека Максимов (Работнички) поради втор жолт картон предвреме го заврши мечот, во 65 минута.
Во Струмица, Академија Пандев со кормиларот Александар Васоски убедливо со 3-0 славеше против скопски Вардар.
Сите три гола за домаќините беа постигнати до 35-тата минута, а стрелци беа Радески, Крстевски и Стоилов (пенал).
На останатите мечеви од ова 28 коло од ПМФЛ Беласица на свој терен поразена со 0-3 од лидерот Шкендија, Борец во Велес загуби од Шкупи со 1-0, додека Струга Трим Лум на домашен терен славеше убедливо со 3-0 против тимот на Пелистер.
Вчера Ренова со 2-1 беше поуспешна од Силекс.
По 28 кола лидер на табелата и понатаму е тетовска Шкендија со 65 бода, на втората позиција е Шкупи со 52, трет е тимот на Македонија ЃП со 48, а на следните две позиции се Струга и Работнички со 44, односно 41 поен.
По денешниот пораз Вардар е претпоследен со 28 бода и според сегашниот распоред на табелaта, заедно со Беласица е на позиција која води во понизок ранг.
Фото: ФК Работнички