Еланга пак „џокер“ за Јунајтед кај Атлетико, Бенфика извлече реми со Ајакс

Еланга пак „џокер“ за Јунајтед кај Атлетико, Бенфика извлече реми со Ајакс

пред 3 години

Атлетико Мадрид даде рано гол, и потоа успеа да ја „задуши“ играта на безидејниот Манчестер јунајтед до 80. минута, пред Ентони Еланга повторно да се покаже како „супер-замена“ за 1:1 реми во првиот меч од осминафиналето на Лигата на шампионите, додека Бенфика и Ајакс во интересен натпревар одиграа 2:2 во Лисабон, за интересен реванш во Амстердам.

„Рохибланкос“ дојдоа во водство уште во 7. минута од мечот, кога Ренан Лоди упати фантастична топка кон шестнаесетникот, а Жоао Феликс ја искористи лошата реакција на Хери Мегваер и Рафаел Варан да постигне фантастичен гол со глава.

По водството, тимот на Диего Симеоне немаше проблем да му го остави поседот на топката на противникот, и да чека своја шанса, но „ѓаволите“ беа безидејни во нападот и имаа само два удари (надвор од рамката на голот) во првото полувреме. „Рохибланкос“ можат да жалат што во финишот на полувремето ја погодија само пречката.

Слична игра имаше и во второто полувреме, пред во 75. минута, Ралф Рангник да го стави во игра својот миленик, Ентони Еланга, кој одговори со убав гол само пет минути подоцна по брзата акција на Бруно Фернандеш. Во 87. минута, Антоан Гризман, кој влезе од клупата имаше совршена шанса да го врати водството на Атлетико, но ја погоди само пречката.

Во Лисабон, Ајакс дојде до рано водство со голот на капитенот Душан Тадиќ во  18. минута, по што на сцена стапи Себастиен Але. Французинот прво си постигна автогол во 26. минута, за само три минути подоцна да ги врати „копјаниците“ во водство со својот 11. гол во ЛШ во само седум меча оваа сезона.

Сепак, Бенфика успеа да стигне до израмнување во 72. минута, кога нововлезениот Украинец Роман Јаремчук го совлада Ремко Пасвер за 2:2.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ОСМИНАФИНАЛЕ, 1.МЕЧ

Атлетико Мадрид – Манчестер јунајтед 1:1

Бенфика – Ајакс 2:2

Share
Scroll to Top