Вардар и дефинитивно ќе игра во осминафиналето на ЕХФ Лигата на шампиони и покрај тоа што се наоѓа на последното место во својата група поради огромниот број на одложени натпревари поради КОВИД-19, откако Европската ракометна федерација (ЕХФ) реши да го смени системот на натпреварување.
Во декември Извршниот комитет на ЕХФ донесе одлука да се направи „проценка“ кои мечеви можат да бидат одиграни и презакажани, но сега тоа е сменето на тој начин што сите 16 клубови кои се натпреваруваат во машката Лига на шампиони ќе играат во нокаут фазата, односно ќе се игра на систем првиот против осмиот од другата група и така натаму.
„Даваме целосен плејоф со 16 клуба во Лигата на шампионите, по што потоа ќе ги има вообичаените четврт-финалиња. ЕХФ е сигурна дека со ваков распоред, лигашките натпреварувања ќе имаат шанса да ги искористат термините, а во исто време клубовите да ги постават најдобрите тимови во натпреварувањето“, вели претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер.
Инаку Вардар е на последното место во својата група, а на првото во спротивната е Барселона, тим кој имаше 10 победи во 10 меча од натпреварувањето, додека Вардар досега одигра само шест.
Фото: РК Вардар