Аргентинскиот фудбалер, Гонзало Игуаин по раскинувањето на договорот со Јувентус реши да се испроба и во американската МЛС лига, во Интер Мајами. За клубот каде еден од сопствениците е Дејвид Бекам аргентинскиот ас одигра досега 6 меча и еднаш се запиша во листата на стрелци. Во разговор за „CBS Sports“ тој вели дека повторно ужива во фудбалот.
„Секогаш бев љубопитен кога ги гледав брат ми и други играчи, па сега сум овде за повторно да бидам среќен. Мислам дека Интер Мајами ми даде се што ми е потребно. Со доаѓањето овде повторно ми се разбуди детското чувство кое во Европа го загубив од разни причини “ вели 32-годишниот фудбалер.
Соиграч на Гонзало му е неговиот 35-годишен брат, Федерико.
„Има многу работи кои не ги знаев за него (Федерико) затоа што бевме далеку еден од друг. Ние загубивме 15 години и сега се обидуваме да го надополниме времето“ – смета Игуаин помалиот.
Една од работите кои му сметале при настапите во европските првенства се медиумите.
„Од медиумска перспектива , во Европа се бара премногу. Морав да се докажувам буквално секој ден, од меч во меч, и тоа го правев цела кариера. Моето трпение се ближеше до крај. Не ти дозволуваат вистински да уживаш“ смета тој.