Ипсвич Таун по 22 години се врати во Премиер лигата. „Трактористите“ се апсолутни херои оваа сезона, од причина што минатата сезона се натпреваруваа во Лига 1 (трет ранг на англискиот фудбал). Покрај Ипсвич во Премиер лигата се врати и Лестер.
Ипсвич, во последното коло го победи Хадерсфилд со 2:0 на „Портман Роуд“ пред речиси 30.000 луѓе и го обезбеди второто место на табелата. Инаку, головите за Ипсвич ги постигнаа Вес Барнс во 27. минута и Омари Хачинсон во 48. минута.
Херој на „Трактористите“ пред сите е менаџерот Киран Мекена, млад стручњак кој своевремено работеше во штабовите на Жозе Мурињо и Оле Гунар Солскјаер во Манчестер Јунајтед. Во првата самостојна работа како тренер, овој 37-годишен стручњак од Лондон покажа дека му претстои светла иднина.
За третото место кое води од Чемпионшип во Премиер лигата оваа сезона ќе се борат Лидс Јунајтед, Саутемптон, Вест Бромвич Албион и Норич.
Од Чемпионшип испаднаа Бирмингем, Хадерсфилд и Ротерам.