Истекува 12-годишната суспензија на Франческо Флаки, ќе се врати на терен со 46 години

Истекува 12-годишната суспензија на Франческо Флаки, ќе се врати на терен со 46 години

пред 3 години

На почетокот на 2007 година италијаскиот фудбалер Франческо Флаки беше на добар пат да стане легенда на калчолигашот Сампдорија од Џенова. Беше капитен, постигна повеќе од 100 голови, а првпат доби повик и за италијанскиот репрезентативен дрес.

Сепак пресвртот следуваше на 28 јануари истата таа 2007 година кога по меч против Милан на тестирањето Флаки бил позитивен на кокаин. Веднаш бил суспендиран на 2 години.

„Во тој момент се загубив. Бев идол на луѓето во Џенова, ја почнав годината со 2 погодока, а бев повикан и во националниот тим“ се присетува Флаки во разговор за „ББС“.

Една година претходно, на основа на прислушкувани разговори е обвинет дека се обидел да намести натпревар. Тогаш бил суспендиран на 2 месеци.

„Со тоа немав врска, таа казна никогаш не ја прифатив“ вели тој.

Во тие моменти Флаки беше третиот најдобар стрелец во историјата на Сампдорија. Пред него беа само Роберто Манчини и Џанлука Виали. Тој постигна 110 гола за клубот од Џенова.

По двегодишната пауза се врати на терен. Играше во Бреша и во Емполи, но во декември 2009 година повторно беше позитивен на кокаин. Следуваше суспензија од 12 години.

Суспенијата му истекува во јануари следната година, а сега веќе 46-годишниот Флаки има намера да се врати на терен, како член на петтолигашот Сигна.

„Возбуден сум, се приближува датумот кога пак ќе истрчам на теренот. Се започна како шега, но станавме сериозни. Тренирам сега и чувството е како на времето, кога бев професионален играч“ вели Флаки.

Признава дека погрешил.

„Знам дека направив грешка и дека поради тоа сум казнет. Знам дека и не сум така брз како некогаш, но ќе го одработам својот дел и ќе се обидам да им помогнам на момците“ вели тој.

Беше член на Самп од 1999 година, а пред тоа играше и за Фиорентина, Бари и Анкона.

Share
Scroll to Top