Конечна разврска во Б-групата

Конечна разврска во Б-групата

пред 3 години

Вечерва завршува првата фаза во Лигата на шампионите. На програмата се натпреварите во групите А, Б, Ц и Д. Најнеизвесно е во Б-групата, каде сите тимови имаат шанси да се пласираат во осмина-финалето, додека во групите А и Д, ќе биде решено кои тимови ќе го освојат второто место.

Вечерашната програма ќе започне со натпреварите во Д-групата, во 18.55 часот. Во оваа група првото место го обезбеди Ливерпул, за второто место, во директен дуел ќе решаваат Ајакс и Аталанта. Ајакс само со победа може да го освои второто место. Првиот меч во Бергамо заврши без победник 2:2.

Слична е ситуацијата и во А-групата. Баерн е прв на табелата, додека за второто место се борат Салцбург и Ателтико Мадрид. На „јорганџиите“ им игра и нерешен резултат за освојување на второто место. Свои сметки има и Локомотив Москва. Рускиот тим може да заврши на третото место, но само доколку победи во Минхен, а Слацбург не победи во дуелот со Атлетико.

Последното коло ќе ја реши ситуацијата во Б-групата. Во најдобра позиција се фудбалерите на Борусија Менхенгладбах. Тие сигурно ќе се пласираат во осмина-финалето доколку останат непоразени во Мадрид против Реал. Борусија може понатаму и со пораз, но во тој случај Интер и Шахтјор треба да одиграат нерешено.

Шахтјор ќе оди понатаму доколку го победи Интер, а може да стигне до нокаут-рундата и со реми, но тогаш Реал не смее да ја победи Борусија.

Реал ќе бидат сигурни патници во наредната рунда доколку забележат победа над Борусија, со нерешен резултат одат понатаму само доколку Интер го победи Шахтјор.

Интер за пласман во осмина-финалето треба да го победи Шахтјор и да се надева дека на натпреварот во Мадрид ќе има победник.

Манчестер сити, во минатото коло, го обезбеди првото место во Ц-групата. Второто место е резервирано за Порто. Во групата Олимпијакос и Марсеј се борат за третото место. Грчкиот тим е во подобра позиција и треба да освои ист број на поени како и Марсеј за да продолжи во Лига Европа.

Share
Scroll to Top